Водич низ системските лавиринти.

Ги истражуваме механизмите на корупцијата, предлагаме политики, развиваме алатки и преку обуки градиме отпорност.

Независен институт за антикорупциски истражувања, политики и едукација.

Нашите програми Контакт

За нас

Кои сме

Институтот за транспарентност и интегритет – Скопје е независна невладина организација за истражување и јавни политики, основана во ноември 2024 година. Работиме на спојот на антикорупциските истражувања, креирањето политики, едукацијата и дигиталните иновации, во Северна Македонија и во регионот на Западен Балкан.

Нашиот тим е мултидисциплинарен и доаѓа од професиите во кои причините и последиците од корупцијата се гледаат непосредно. Соработуваме само со професионалци чиј личен интегритет ги исполнува стандардите што јавно ги застапуваме.

Нашата премиса

Трајното намалување на корупцијата бара три елементи што дејствуваат заедно:

  • Докази: прецизно знаење каде и како функционира корупцијата.
  • Капацитет: стручни и професионални луѓе во институциите и надвор од нив, кои постапуваат врз основа на тие докази.
  • Кредибилитет: гласници на кои јавноста, донаторите и институциите им веруваат доволно за да ги слушнат.

Нашата работа ги поврзува сите три. Кредибилитетот го градиме со доследно однесување во секојдневната работа.

Интегритетот како принцип

Членовите, соработниците и партнерите ги избираме според докажан личен интегритет и одговорно управување. Кога самите ги почитуваме стандардите што ги застапуваме, нашите истражувања, обуки и јавни ставови добиваат тежина.

Овој принцип го потврдуваме со три обврски:

  • објавуваме годишни извештаи за транспарентноста и активностите;
  • ги објавуваме изворите на финансирање;
  • управувањето и финансиското работење ги ставаме на периодична независна проверка.

Тим

Јасмина Михаиловска

претседателка

Истражувачка и лиценцирана психологинка со петнаесет години искуство во квантитативни и квалитативни истражувања. Од 2013 година е истражувачка раководителка во M-Prospect, каде ги дизајнира методологиите и ги води истражувањата од примерокот до анализата. Учествувала во национални истражувања за перцепцијата и искуствата со корупцијата, довербата во институциите и корупцијата во високото образование. Сертифицирана професионалка за дигитален маркетинг.

Ленче Ристоска

извршна директорка

Поранешна јавна обвинителка со над тринаесет години искуство, вклучително како заменичка специјална јавна обвинителка, и седум години обвинителка за врски во Евроџаст. Адвокатка и советничка за истраги на финансиски криминал, одземање имот, дигитални докази и виртуелни средства. Коавторка на прирачниците на ОБСЕ за лидерство во обвинителството и за постапување со виртуелни средства во кривичната постапка.

Програми

Нашите цели ги остваруваме преку четири програмски области.

11активности

Истражување и публикации

Спроведуваме мултидисциплинарни истражувања за корупцијата и нејзиното влијание врз поединците и општеството, и ги претвораме наодите во препораки засновани на докази.

  • Анализа на правната рамка: анализи на законодавството за антикорупција и предлози за подобрување.
  • Мултидисциплинарни истражувања: истражувања за појавата и влијанието на корупцијата во животната средина, здравството, медиумите, образованието, правосудството и други сектори.
  • Анкети и студии: истражувања на корупцијата и перцепцијата за корупција на локално, државно и регионално ниво, како основа за креирање политики.
  • Годишни извештаи за корупциските трендови: анализа на трендовите и на ефективноста на одговорите на корупцијата.
  • Сумарни прегледи на политики: кратки прегледи на добрите практики, прилагодени на локалниот контекст.
  • Публикации за добри практики: водичи за антикорупциски мерки во различни сектори, како здравството и образованието.
  • Рамки за проценка на влијанието: методологии за мерење на резултатите од антикорупциските програми и политики.
  • Проценка на влијанието: оценка на ефективноста на антикорупциските иницијативи и споделување на научените лекции.
  • Корупција и ментално здравје: истражување на влијанието на корупцијата врз мотивацијата и менталното здравје на поединците.
  • Поддршка на научни истражувања: обезбедување релевантни податоци за истражувачи и стратегија за нивна обработка и употреба.
  • Годишни признанија: критериуми за доделување признанија на поединци од земјата и регионот за придонес во борбата против корупцијата.
11активности

Едукација

Развиваме програми за обука и менторство за млади, професионалци, граѓански организации, институции, политички партии и приватниот сектор, за да ги зајакнеме знаењето и вештините за борба против корупцијата.

  • Модули за обука: сеопфатни модули за антикорупциски тактики и стратегии.
  • Обука за јавни службеници: програми за етичко управување и транспарентност.
  • Работилници за правна стратегија: развој на правни стратегии за организации што се соочуваат со корупција.
  • Правна клиника: про боно помош на поединци и организации во прашања поврзани со корупцијата.
  • Програми за менторство: менторство за нови лидери посветени на интегритетот и за антикорупциски практики во јавниот сектор.
  • Програми за млади: едукација на младите за корупцијата и поттикнување граѓански ангажман.
  • Работилници во заедниците: едукација на локалните заедници и целни групи за влијанието на корупцијата и начините за борба против неа.
  • Студии на случај: анализа и објавување на успешни антикорупциски напори од светот.
  • Вебинари: онлајн дискусии со експерти за антикорупциските трендови и практики.
  • Онлајн курсеви и сертификати: курсеви за антикорупциски теми, достапни за пошироката публика.
  • Конференции и тематски школи: настани на кои практичари и експерти споделуваат знаење и стратегии.
5активности

Вмрежување и соработка

Поврзуваме поединци, институции, организации и неформални групи во земјата и регионот за заеднички одговор на коруптивните практики.

  • Стратешки партнерства: соработка со домашни, регионални и меѓународни организации за студии, анализи и развој на антикорупциски политики.
  • Партнерства со институции: соработка со државни институции и единици на локалната самоуправа како извори на податоци за истражувања.
  • Регионална и меѓународна соработка: соработка со организации и глобални иницијативи за борба против корупцијата.
  • Платформа за соработка: онлајн заедница на професионалци, научници, организации, институции и активисти.
  • Тркалезни маси: дискусии меѓу институциите, бизнисот и граѓанското општество за решавање на предизвиците поврзани со корупцијата.
10активности

Дејствување во јавноста

Ја подигаме јавната свест за штетите од корупцијата, развиваме дигитални алатки за транспарентност и поддржуваме поединци и заедници посветени на интегритетот.

  • Застапување: средби за промоција на ефективно антикорупциско законодавство на национално и меѓународно ниво.
  • Онлајн ресурсен центар: дигитална платформа со ресурси, истражувања и добри практики.
  • Алатки за дигитална транспарентност: развој и промоција на алатки што ја подобруваат отчетноста во различни сектори.
  • Механизам за пријавување корупција: доверлив систем преку кој граѓаните пријавуваат корупциски инциденти.
  • Кампањи за јавна свест: кампањи за штетите од корупцијата и за промоција на интегритетот и транспарентноста.
  • Кампањи на социјалните мрежи: вклучување на граѓаните во дискусии за антикорупција.
  • Пакти за интегритет: поддршка на договори за интегритет меѓу приватниот сектор и државните институции.
  • Проекти за одржлив развој: пилот-проекти што ги вградуваат антикорупциските мерки во локалните иницијативи.
  • Стипендии: поддршка за поединци што студираат или работат на антикорупциски иницијативи.
  • Грантови за истражувачи: поддршка за истражувања на иновативни антикорупциски решенија.

Теорија на промена

Преземи го целиот документ (PDF)

Проблемот

40/100поени на Индексот за перцепција на корупцијата 2025
84/182место меѓу земјите на истиот индекс
89%од граѓаните сметаат дека корупцијата е раширена

Корупцијата во Северна Македонија и во регионот опстојува и покрај обемното антикорупциско законодавство. На Индексот за перцепција на корупцијата за 2025 година, земјата има 40 од 100 поени и е на 84. место од 182 земји, со ист резултат како претходната година.[1] Европската комисија во извештајот за 2025 година оценува дека земјата не остварила напредок во спречувањето и борбата против корупцијата, втора година по ред.[2] Според Специјалниот Евробарометар за 2025 година, 89% од граѓаните сметаат дека корупцијата е раширена, наспроти 69% во ЕУ.[3]

Пречките се во спроведувањето. Знаењето е распарчено по сектори, практичарите работат изолирано, граѓаните се повлечени, а неформалната практика ја поткопува формалната рамка за интегритет. Законодавните реформи застануваат во примената, а поединечните кривични постапки не ги менуваат навиките во системите. Граѓаните ја доживуваат корупцијата како нешто неизбежно.

Што правиме

1

Создаваме докази што се користат.

Спроведуваме мултидисциплинарни истражувања во секторите каде штетата од корупцијата е непосредна: правосудство, здравство, образование, животна средина и медиуми. Истражувачките прашања ги дефинираме заедно со оние што ќе ги користат наодите, за истражувањето да води кон конкретни политики.

2

Доказите ги пренесуваме во практика преку три канали.

Препораките за политики стигнуваат директно до законодавците и регулаторите. Обуките и менторството го градат капацитетот на обвинители, јавни службеници, млади професионалци и граѓанско општество да ги применуваат стандардите за интегритет во секојдневната работа. Кампањите и дигиталните алатки за транспарентност ја менуваат граѓанската средина во која работат институциите.

3

Градиме регионална заедница на практичари.

Корупцијата е прекугранична, и одговорот мора да биде таков. Ги поврзуваме македонските истражувачи и практичари со колегите од регионот и пошироко, во мрежа што трае подолго од секој поединечен проект.

4

Ги почитуваме стандардите што ги застапуваме.

Ова е основата на нашиот кредибилитет, опишана во делот „За нас“.

5

Технологијата е дел од решенијата и од комуникацијата.

Развиваме дигитални алатки што ја зајакнуваат антикорупциската практика: платформи за безбедно пријавување, прегледи што ги прават институционалните податоци разбирливи за граѓаните, и аналитички алатки што им помагаат на практичарите да препознаат обрасци низ предмети и сектори. Наодите ги пренесуваме и преку кратки видеа, интерактивни формати и дигитални приказни, за да стигнат до младите и до публиката што традиционалното застапување ретко ја допира.

Што се менува

Краткорочно

Креаторите на политики имаат пристап до препораки за изготвување релевантни акти и прописи, прилагодени на македонскиот и регионалниот контекст. Професионалците и институциите имаат посилен стручен и етички капацитет. Граѓаните, особено младите, имаат достапни алатки преку кои ја градат својата отпорност во системот, ја разбираат корупцијата и ја пријавуваат.

Среднорочно

Правната и институционалната рамка се менуваат врз основа на докази и добри практики. Генерација практичари за кои интегритетот е професионална норма презема позиции на одлучување. Јавниот дискурс се поместува од резигнација кон очекување отчетност.

Долгорочно

Интегритетот е стандард во јавните институции. Корупцијата ја губи општествената легитимност. Северна Македонија и регионот градат системи на управување во кои транспарентноста е вградена во самата структура.

Претпоставки

Промената зависи од следниве услови:

  • доказите, кога се претставени кредибилно, влијаат врз политиките;
  • обуките водат кон промена во однесувањето кога ги поддржуваат мрежи на колеги и институционални стимулации;
  • континуираниот граѓански притисок го менува однесувањето на институциите;
  • интегритетот на ниво на организација е возможен и препознатлив за оние до кои сакаме да стигнеме;
  • добро осмислената технологија го проширува практичниот досег на антикорупциската работа и досегот на нејзината порака;
  • разновидните извори на финансирање и дисциплинираното управување ја одржуваат работата надвор од циклусите на поединечни проекти.

Како ќе знаеме

Се мериме на три нивоа: резултати (објавени истражувања, обучени професионалци, препораки за политики), исходи (усвоени политики, променета институционална практика, користени механизми за пријавување) и институционален кредибилитет, кој го оценуваме преку независна проверка, повратни информации од партнерите и составот и однесувањето на нашиот тим.

Синџир на промената

  1. Ресурси

    мултидисциплинарни истражувачи; правна експертиза и експертиза за политики; мрежа на проверени партнери; управување засновано на личен интегритет; дигитална и комуникациска експертиза.

  2. Активности

    истражување и анализа; изготвување политики и застапување; обуки и менторство; јавни кампањи, дигитални алатки и современи формати за млади; регионално вмрежување.

  3. Резултати

    објавени истражувања, препораки за политики, обучени професионалци, кампањи за јавна свест, функционална регионална мрежа, дигитални решенија, комуникациски производи за млади.

  4. Исходи

    политики засновани на докази; променета институционална практика; информирани и ангажирани граѓани; поголемо учество на младите во граѓанскиот живот; интегритетот како професионален стандард.

  5. Влијание

    помалку корупција и поголема доверба во институциите во Северна Македонија и регионот.

Принцип што ги поврзува сите нивоа: институционалниот интегритет на ИТИ.

Извори

  1. Transparency International, Corruption Perceptions Index 2025: North Macedonia. www.transparency.org
  2. European Commission, North Macedonia 2025 Report. enlargement.ec.europa.eu
  3. Special Eurobarometer on Corruption 2025 / European Commission, 2025 Rule of Law Report, Country Chapter North Macedonia. commission.europa.eu

Проекти

Првите проекти на ИТИ се во подготовка. Во овој дел ќе го објавуваме секој проект што го спроведуваме, со партнерите, изворите на финансирање и резултатите.

Публикации и вести

Вести

Ноември 2024

Основан е Институтот за транспарентност и интегритет

ИТИ започна со работа како независна организација за антикорупциски истражувања, политики и едукација, со седиште во Скопје.

Публикации

Првите публикации се во подготовка. Пишете ни ако сакате да ги добивате по е-пошта.

Пишете ни

Контакт и поддршка

Е-пошта

contact@iti.mk

Поддржете ја нашата работа

ИТИ соработува со донатори, фондации и партнери што ги делат нашите вредности. Изворите на финансирање ги објавуваме јавно, во годишните извештаи. Ако сакате да ја поддржите нашата работа, пишете ни.

contact@iti.mk